Николоски: Нема предвремени парламентарни избори, фокусот ќе биде на расчистување со криминалот

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска изјави дека по локалните избори нема да се одржат предвремени парламентарни избори, нагласувајќи дека владата е стабилна и мандатот ќе трае до 2028 година.

​„Предвремени избори ќе нема, имаме стабилна коалициска влада, која функционира одлично“, изјави Николоски при посетата на Гостивар.

​Тој најави дека по локалните избори, фокусот на Владата ќе биде на расчистување во судството и обвинителството и одговорност од сите што ја злоупотребиле власта од т.н. „црна коалиција на СДСМ, ДУИ и Левица“.

​Николоски ја обвини опозицијата за постојана „жед и желба за власт“, потенцирајќи: „Кога некој толку многу бара предвремени избори тоа значи дека него го интересираат само привилегиите од власта, а нив ги интересира и криминалот од власта“.

​Тој порача дека наместо со предвремени избори, Владата ќе се занимава со одговорност на сите кои ја злоупотребија власта од т.н. црна коалиција.