Поранешниот македонски репрезентативец и капитен на германски Мајнц, Николче Новески, ќе биде дел од тимот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), соопшти денеска претседателот на федерацијата, Масар Омерагиќ.
Новески е назначен за раководител на скаутинг службата со главна цел да идентификува и следи млади таленти со македонско потекло низ целиот свет. Оваа позиција е дел од новите приоритети на ФФМ за проширување на базата на фудбалери за сите национални селекции.
Николче Новески, кој има 64 настапи за македонската репрезентација, ќе работи во координација со фудбалските легенди Горан Пандев, Ѓорги Христов и Агим Ибраими. Заедно ќе организираат тест натпревари надвор од Македонија, со цел да им дадат можност на младите играчи да се докажат.
„Среќен сум што станувам дел од тимот на ФФМ и што ќе имам можност да придонесам за развојот на македонскиот фудбал. Верувам дека со моето искуство и долгогодишна кариера во Бундеслигата, заедно со тимот во Федерацијата, ќе изградиме силен систем на скаутинг“, изјави Новески.
Претседателот Омерагиќ го поздрави ангажманот на Новески, истакнувајќи дека неговото искуство и авторитет се голем плус за модернизацијата на работата на федерацијата.
„Нашата мисија е јасна, ниеден фудбалски талент со македонско потекло да не остане незабележан. Ова е силен чекор напред“, изјави Омерагиќ.