Општина Центар продолжува со активностите за подобрување на урбаната инфраструктура и решавање на долгогодишните проблеми со паркирањето. Градоначалникот Горан Герасимовски денеска информираше дека се уредува нов паркинг простор со капацитет од 40 возила, на локацијата зад катната гаража во населбата Буњаковец.
Станува збор за простор кој со години наназад бил дива депонија, запуштен и небезбеден, но сега добива целосно нова намена. „Теренот претходно беше темелно исчистен и дезинфициран, а во тек се активности за асфалтирање. По завршувањето на оваа фаза, ќе следува обележување на паркинг местата и комплетно уредување на просторот“, соопшти Герасимовски.
Оваа интервенција доаѓа како директен одговор на барањата на граѓаните, кои на маалските средби побараа повеќе паркинг места, но и побезбедни сообраќајни решенија во урбаните делови на општината.
„Излегуваме во пресрет на нашите сограѓани и вложуваме во решенија што директно го подобруваат квалитетот на живот. Продолжуваме со вакви проекти и во другите делови на Центар“, додаде градоначалникот.
Со оваа интервенција, Општина Центар покажува дека со планска работа и ангажман може да се претворат запуштени простори во функционални и безбедни јавни површини.