Нова рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул: Се бара пат кон прекин на огнот

Во палата Чираган во Истанбул денес се одржува третата рунда преговори меѓу руската и украинската делегација, во обид да се пронајде решение за продолжениот вооружен конфликт. Средбата започна со билатерални разговори меѓу делегациите, а фокусот е ставен на директната средба лице в лице помеѓу Рустем Умеров, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, и Владимир Медински, помошник на рускиот претседател Владимир Путин, јавуваат агенциите Риа и Анадолија.

На почетокот на разговорите присуствувал и турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, кој нагласил дека целта на Турција како домаќин е воспоставување прекин на огнот, кој ќе биде прв чекор кон траен мир.

Според дипломатски извори, денешната рунда преговори најверојатно ќе трае само еден ден. Јазикот на комуникација меѓу страните го одредуваат самите делегации, а минатата рунда, според истиот извор, се водела на руски јазик.

Сите очи се вперени кон Истанбул, каде меѓународната заедница очекува позитивен исчекор во процесот на деескалација и можност за дипломатско решение на војната.