​Новиот тренд за борба со стрес: Возрасните Киези и Американци се смируваат со цуцли

Справувањето со стресот, анксиозноста и несоницата добива необичен пресврт. Во Кина и Америка се појави нов тренд: возрасни луѓе масовно користат цуцли за бебиња како средство за смирување. Оваа појава, која е наречена „феномен на регресија“, добива огромна популарност и кај младата популација.

​Како што пренесуваат кинески медиуми, популарноста на цуцлите за возрасни се претвори во вистинска лудост, со илјадници продадени парчиња месечно. Цените варираат од 10 јуани (околу 1,40 долари) до 500 јуани (70 долари), а се продаваат како помагала за спиење, средство за ублажување на стресот, па дури и како алатка за откажување од пушење.

​Кинеските психолози објаснуваат дека ова е несвесно враќање во порана фаза од развојот, бидејќи цуцлата ја симболизира безбедноста и удобноста од детството. Многу од корисниците тврдат дека цуцлата им дава чувство на сигурност, им помага да спијат подобро и ги прави посмирени.

​Иако трендот е особено популарен во Кина, тој брзо се шири и во САД, каде што TikTok е преплавен со видеа од возрасни кои користат цуцли за да се релаксираат на работа или во сообраќај.

​Сепак, експертите и скептиците излегоа со предупредувања за можни здравствени последици. Тие истакнуваат дека материјалот и дизајнот на цуцлите не се соодветни за возрасни, што може да предизвика нарушување на оралната слузница или болки во темпоромандибуларниот зглоб при долготрајна употреба. Како алтернатива, тие препорачуваат џвакање мастика или користење лижавче.