Ново дипломатско претставништво: Се отвора Генерален конзулат на Македонија во Корча, Албанија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево преку видео порака објавена на социјалните мрежи соопшти дека Владата на денешната седница донела одлука за отворање Генерален конзулат на Република Македонија во Корча, Република Албанија.

„Грижата за Македонците во Албанија не ја покажуваме со зборови, туку со конкретни дела. Македонците од Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора се предалеку од Тирана – време е да им се доближиме“, изјави Муцунски.

Со отворањето на Генералниот конзулат, македонските државјани во овие области ќе добијат побрз и поефикасен пристап до конзуларни услуги. Конзулатот ќе биде во функција и за поддршка на културните, образовните и економските врски на нашите иселеници со татковината.

„Целиме кон посилна грижа за интересите на нашите граѓани. Брз, достапен и квалитетен сервис. Ова се конкретни чекори, не празни зборови“, подвлече министерот Муцунски.

Генералниот конзулат ќе има јурисдикција над подрачјата Корча, Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора. Ќе работи во координација со Амбасадата на Македонија во Тирана, а неговите клучни надлежности ќе опфаќаат обезбедување конзуларни услуги, економска и културна промоција, како и унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји.