Ново засилување за Кјелце: Дејан Милосављев заминува од Фуксе Берлин

Голманот на германскиот шампион Фуксе Берлин, Дејан Милосављев, по истекот на договорот ќе ја продолжи кариерата во Полска. Од сезоната 2026/2027, поранешниот чувар на мрежата на Вардар ќе ги брани боите на полскиот гигант Кјелце.

Како што пренесува порталот Handball-Planet, клубот од Кјелце започнува нова реконструкција на тимот, но истовремено се шпекулира дека во иднина таму можеби нема да бидат семејството Душебајев – Алекс, Даниел и нивниот татко, тренерот Талант, кои се на радарот на германскиот Кил.

Милосављев е дел од Фуксе Берлин од 2019 година, кога пристигна откако ја освои Лигата на шампионите со Вардар. Иако клубот минатата сезона го продолжи договорот со данскиот репрезентативец и ѕвезда на тимот, Матијас Гидсел, до 2029 година, финансиските ограничувања не им дозволиле да ја продолжат соработката и со српскиот голман.

Кјелце, по неколку години доминација, се соочува со пад на формата. По две финалиња во Лигата на шампионите, тимот минатата сезона беше елиминиран уште во осминафиналето. Домашната конкуренција станува сè поизразена, особено од Висла Плоцк, која две години по ред ја освојува титулата во Полска.

Сепак, Кјелце ова лето започнува со засилувања. Словенечкиот ас Алекс Влах доаѓа од Алборг, а хрватскиот репрезентативец Лука Ловре Кларица од Загреб, ќе му се приклучи на Милосављев следното лето.