Министерот за здравство, Азир Алиу, најави нов, функционален систем за паркирање во Клиничкиот центар во Скопје, кој ќе опфати четири различни влезови и диференцирани ценовници – во зависност од причината за доаѓање.
Паркингот ќе биде бесплатен за онколошки пациенти, поевтин за пациенти со упат, поскап за вработените, а најскап за граѓани кои доаѓаат без здравствена потреба, информираше министерот. Управувањето со паркингот ќе му биде доверено на Јавното претпријатие „Градски паркинг“, со кое Министерството ќе склучи официјален договор.
Покрај новата организација, се најавува и дуплирање на паркинг местата, нови влезови, меѓу кои и еден кај Клиниката за кардиологија, и воведување 24-часовен мониторинг преку видео надзор и нов систем за наплата и контрола на пристапот.
Министерот истакна дека доколку оптимизацијата не ја реши целосно долгогодишната гужва, ќе се размислува и за изградба на катна гаража.
Овој потег е дел од поширока иницијатива за подобрување на пристапноста и организацијата во најфреквентниот медицински комплекс во земјава.