НСДП: ВМРО-ДПМНЕ со линеарното покачување ги манипулира пензионерите, 320.000 граѓани ќе добијат пониски пензии

Нова социјалдемократска партија (НСДП) остро реагира на линеарното зголемување на пензиите предложено од Владата и изгласано во Собранието, оценувајќи дека станува збор за изборна манипулација на штета на околу 320 илјади пензионери во земјава.

„Со последните законски измени, пензионерите ќе добијат пониски пензии од она што реално би им следувало во септември, според редовното усогласување“, соопштуваат од НСДП.

Партијата укажува дека единствениот правичен и законски модел за усогласување на пензиите е формулата 50/50 – односно 50% раст на просечната плата и 50% пораст на трошоците за живот.

„Токму со оваа формула, пензионерите со најниски примања ќе добијат исто зголемување како и со линеарното покачување, но пензионерите со повисоки пензии ќе бидат значително оштетени – од 100 до 3.500 денари месечно“, предупредуваат од партијата.

НСДП обвинува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема вистинска стратегија за подобрување на стандардот и дека со политички трикови се прикриваат вистинските економски проблеми во државата.

„Економско-социјалниот совет е целосно блокиран, уште не е утврдена минималната потрошувачка кошничка, платите не растат, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Очигледно, пензионерите, работниците и чесните граѓани не се приоритет на оваа власт“, наведуваат од НСДП.

Партијата ја повика Владата да го прекине, како што велат, луксузирањето и трошењето јавни средства на пропаганда и службени патувања, и наместо тоа да понуди реални и конкретни мерки за справување со скапотијата и растечките цени.