Независниот синдикат на полицијата (НСП) денеска соопшти дека нивниот колега, Владо Петров, кој беше испратен во притвор под обвинение поврзано со трагедијата во Кочани, починал. Синдикатот ја нарекува неговата смрт „63-та жртва“ од трагедијата и остро го критикува притисокот врз полицијата, барајќи правда.
Според соопштението, Владо Петров бил Главен инспектор за сообраќајни работи и бил испратен во притвор откако од пензија бил повикан на одговорност за потпишан документ за паркинг просторот пред дискотеката.
НСП изразува длабоко жалење, наведувајќи дека Петров „за жал не го издржа притисокот“ за кој синдикатот алармирал претходно, и не успеал да ужива во пензијата.
„Владо за жал не го издржа притисокот за кој ние вчера зборувавме и не успеа да види ништо од пензијата. Почивај во мир голем човеку. Правда за полицијата е повеќе од потребна, а веќе многу доцни,“ стои во соопштението.
Синдикатот со остра порака го заврши соопштението: „КАЈ ЌЕ ВИ ОДАТ ДУШИТЕ?“