Обвинителството ги отфрли пријавите против директорот на АНБ – немало фалсификат

Основното јавно обвинителство Скопје донесе одлука за отфрлање на анонимните пријави против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, поднесени за наводни кривични дела „Фалсификување исправа“ и „Употреба на исправа со невистинита содржина“.

Пријавите се повикуваа на јавно достапни податоци дека Христовски, при конкурирање за повеќе јавни позиции, користел уверение за познавање англиски јазик издадено од Language School Julia CO.LTD од Пловдив, Бугарија – институција за која се тврди дека не вршела тестирање за TOEFL iBT ниту издавала меѓународно признати сертификати.

По оформувањето на предметот во ноември 2024 година, обвинителството побара меѓународна правна помош од Бугарија. Бугарските власти потврдија дека правниот субјект Julia CO.LTD е регистриран под името „Джулия КО“ ООД со дејности поврзани со преводи и приватни јазични школи. Меѓутоа, сопственичката не можела да биде сослушана, бидејќи подолг период не престојувала во Бугарија.

И покрај тоа, македонското обвинителство обезбеди и дополнителна документација од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и од ЈП „Градски паркинг“ – Скопје. Увидот покажал дека Христовски поседува два документи: еден за курс по подготовка за TOEFL испит и друг – сертификат за положен TOEFL iBT тест со 75 поени, издаден во домашни услови преку официјален испитен центар за Бугарија во март 2022 година.

Согласно прирачниците на ETS – меѓународната институција што го администрира TOEFL испитот – во 2022 година било дозволено тестирање во домашни услови под надзор преку интернет. Сертификатите издадени на овој начин се валидни и еднакви по форма и содржина со оние издадени во лиценцирани испитни центри. ETS, по истек на рок од две години, веќе не издава потврди ниту потврдува резултати за положените тестови.

Обвинителството констатирало дека Христовски не фалсификувал ниту користел фалсификувана исправа, ниту предизвикал каква било правна последица со доставените документи. Во досието за именување за директор на АНБ се наоѓа валиден документ за познавање странски јазик, кој бил одлучувачки при изборот.

Дополнително, се вршеле проверки и за уверенијата за високо образование. Обвинителството ја прибавило целокупната документација од Економскиот факултет во Скопје, Државната комисија за спречување на корупцијата и вонредниот инспекциски надзор од Државниот просветен инспекторат – при што не биле утврдени неправилности.

Имајќи ги предвид сите прибрани докази, обвинителството утврди дека не постојат елементи на кривично дело во ниту еден од наведените случаи.