Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска објави дека започнало предистражна постапка во врска со наводното незаконско следење на комуникациите и злоупотребата на овластувањата на безбедносните служби.
Тим од истражители на ОЈО ГОКК денеска бил примен во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), каде што била договорена динамиката за спроведување на увид во документацијата на агенцијата.
Обвинителството информираше дека увидот ќе трае во наредниот период бидејќи станува збор за обемна и сензитивна документација која има степен на доверливост. Во соопштението се нагласува дека двете институции демонстрирале коректен и професионален однос.
ОЈО ГОКК апелира до медиумите и јавноста да се воздржат од предвремено изнесување заклучоци, имајќи ја предвид тајноста на предистражната постапка. Обвинителството најави дека навремено ќе ја информира јавноста за текот на постапката, но само тогаш кога споделените информации нема да ја загрозат истата.