Министерството за внатрешни работи (МВР), по налог на Јавното обвинителство, денеска спроведува акција и приведува лица осомничени за „местење“ на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на Кожув и Башкими.
Под сомнеж тренери, играчи и раководни лица
Според неофицијални информации, меѓу осомничените се тренери, играчи, како и раководни лица од двата клуба. Некои од нив веќе се приведени.
Акцијата на полицијата доаѓа по големиот скандал што се случи пред неколку месеци на натпреварот одигран во Гевгелија. Тогаш домашните фудбалери на Кожув, според сведоштвата, „стоеја“ на теренот, дозволувајќи им на гостите од Куманово да го постигнат победничкиот гол.
ФФМ бараше реакција
Веднаш по натпреварот, првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ остро го осуди инцидентот и јавно побара од надлежните институции да преземат енергична акција за да се казнат одговорните. Со денешните приведувања, се чини дека надлежните конечно постапуваат по пријавата и го расчистуваат случајот.