Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомневање за сторено тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Осомничениот 37-годишен возач, со неприлагодена брзина, удри во велосипедистот Јорго Ќука на пешачки премин, кој од здобиените тешки повреди почина.
Несреќата се случила на 3 ноември на булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје. Управувајќи автомобил „фолксваген пасат“, возачот не се придржувал кон прописите, возејќи со неприлагодена брзина која не му овозможила навремено да закочи.
„Пристигнувајќи на пешачки премин на крстосницата со улицата „Лазар Личеноски”, осомничениот 37-годишник со предниот дел на возилото удрил во велосипед, управуван од сега починатиот Јорго Ќука, кој се движел по обележаниот пешачки премин. Од ударот оштетениот се здобил со тешки телесни повреди и починал“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител одлучи да достави до Судот предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот, кој има двојно државјанство. Предложени се следниве мерки:
Одземање на македонска и српска патна исправа.
Одземање на возачка дозвола.
Забрана за напуштање на живеалиштето.
Обврска да се јавува повремено кај надлежен државен орган.