По успешните настапи на фестивалите „Будва – Град театар“ во Црна Гора и „ВондерФил“ во Холандија, каде што заедно со своите колеги Крстев, Сомов, Мамудов и Нушев го изведе проектот Македонисимо, светски познатиот пијанист Симон Трпчески ја освои и публиката во Сао Паоло, Бразил.
Серијата концерти започна со рецитал на 13 јули, а продолжи со три вечери по ред – од 17 до 19 јули – на кои Трпчески настапи како солист со Симфонискиот оркестар на Сао Паоло, под водство на прочуениот диригент Васили Петренко. Публиката, очигледно воодушевена од изведбата на Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Чајковски, го награди македонскиот уметник со бурни овации, додека меѓу присутните се забележаа и македонски знамиња – редок, но силен симбол на поддршка далеку од татковината.
На публиката Трпчески возврати со неколку бравурозни изведби на бис, вклучувајќи дела од Вила Лобос, Томе Бужаровски и фрагмент од Македонисимо. Концертите добија и институционална поддршка преку присуството на претседателот на македонско-бразилската стопанска комора, Луис дел Вале.
Кон крајот на јули, богатата концертна сезона на Трпчески ќе заврши со настап во Италија, на реномираниот фестивал „Леричи“, каде што ќе настапи со Филхармонискиот оркестар „Тосканини“ и маестро Џанлука Марчијано. Во импресивниот амбиент на тврдината Фирмафеде во Сарцана, на програмата е Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Рахманинов.
Новата концертна сезона започнува во септември и ќе го одведе Трпчески на настапи во Чешка, САД, Романија, Велика Британија и Холандија – продолжувајќи го патот на македонската музичка гордост на светските сцени.