Денеска се одбележуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза (вистинско име: Агнеса Гонџа Бојаџиу), која е родена на 26 август 1910 година во Скопје. Таа е најмладото дете во семејството и уште од мали нозе растела со правилото да се помага на секој на кого му е потребна помош.
На 18-годишна возраст, Гонџа го напушта Скопје и заминува за Даблин, Ирска, а ова била нејзина последна средба со мајка ѝ и сестра ѝ.
Хуманитарна дејност и Нобелова награда за мир
Во 1979 година, Мајка Тереза ја доби Нобеловата награда за мир за нејзината посветеност во помагањето на бедните, болните и несреќните низ целиот свет. Почина на 5 септември 1997 година во Калкута, Индија, по долгогодишна борба со болест на срцето и белите дробови.
Канонизација и прогласување за светица
Само две години по нејзината смрт, Папата Јован Павле II го започна процесот за нејзина беатификација и канонизација.
На 19 октомври 2003 година, Папата Јован Павле II ја беатифицира и ѝ ја додели титулата Блажена Мајка Тереза.
На 17 декември 2015 година, Ватикан потврди дека Папата Франциск признал второ чудо, односно излекување на човек од Бразил со повеќе тумори на мозокот.
На 4 септември 2016 година, Папата Франциск ја канонизираше Мајка Тереза на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, пред десетици илјади луѓе, со што таа официјално беше прогласена за светица.