​Одбојкарите патуваат за Атина, Миленкоски оптимист пред клучниот дуел со Грција

​Македонската одбојкарска репрезентација денеска ги завршува подготовките во Скопје и утре патува за Атина, каде во среда ќе го одигра клучниот натпревар против Грција. Дуелот ќе одлучува за првото место во групата и во голема мера може да го обезбеди четвртиот последователен настап на Македонија на Европското првенство.

​Селекторот Јошко Миленкоски за Атина патува со 14 одбојкари, и покрај отсуството на повредените Давид Стојанов и Филип Лепидовски.

​„Оние 14 одбојкари со кои работиме во изминатиов период заминуваат за Атина. Сите се оптимистички расположени, одиме да се надигруваме, знаејќи дека Грција е голем фаворит. Ние имаме зацртано наш план и се надевам дека ќе го исполниме“, изјави Миленкоски.

​Шанси за директен пласман на ЕП

​Миленкоски посочи дека Грција има предност и ѝ се потребни само два освоени сета за да го освои првото место во групата. Од друга страна, на Македонија ѝ е потребен барем еден бод од натпреварот за предвреме да го реши прашањето за пласман на ЕП.

​„Сепак, што и да се случи, наша обврска ќе биде на домашен терен против Грузија да го потврдиме местото на уште едно Европско првенство“, додаде селекторот.

​Репрезентацијата утре наутро ќе патува со автобус до Солун, од каде со авион ќе продолжи за Атина. Истиот ден, нашата селекција ќе одржи и официјален тренинг пред натпреварот во среда.