Седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР), закажана за денеска, е одложена без никакво образложение од собраниските служби.
Седницата требаше да се одржи во 11 часот и да се осврне на актуелните сомнежи за незаконско прислушување што наводно се случувало од 2019 до 2024 година. Со седницата требаше да претседава пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.
Одложувањето доаѓа по јавниот повик на пратеникот Љупчо Пренџов до претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, да закаже итна седница. Меѓутоа, Реџепи изјави дека нема да свика состанок додека е „дискриминиран“.
Целта на седницата беше да се изврши увид во состојбите во АНБ и темелно да се испитаат сите околности поврзани со овие настани, со цел да се врати довербата во институциите и да се заштити демократијата во државата, како што истакна Пренџов.