Одложено финале со една реченица – срам од ЕХФ, или политика на дело?

Со само една реченица, Европската ракометна федерација (ЕХФ) го одложи финалето од Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК, наведувајќи „безбедносни причини“ – без детали, без одговорност, без почит кон домаќинот и навивачите. Ова соопштение, со речиси арогантна краткост, предизвика гнев кај јавноста и ја отвори вратата за сериозни сомнежи – дали повторно политиката се меша таму каде што треба да владее спортот?

Скопје беше подготвено. Домашниот клуб и македонската публика создадоа услови за вистински спортски спектакл. Но, кога гостите од АЕК одбија да настапат, наводно под притисок од сопствени хулигани, одговорот на ЕХФ беше да го казни – не тимот кој не се појави, туку градот кој ги исполни сите стандарди.

Зошто една од највисоките спортски институции одбира молк и минимализам кога се бара транспарентност? Зошто никој не ги прашува грчките клубови зошто се закануваат со откази, но сите со прст кон Скопје кога ќе покаже сила? И конечно – дали ваквото „неутрално“ соопштение всушност крие политичка позадина?

Одлуката на ЕХФ допрва ќе следи, но штетата веќе е направена. Ако ова е европски спорт, каде владее ферплеј, тогаш некој треба да објасни зошто вистинскиот победник се чека, а виновниците се заштитени.