Управниот одбор (УО) на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе неколку значајни одлуки, меѓу кои и утврдување на цените на влезниците за претстојните натпревари на репрезентациите.
Натпреварот меѓу сениорските репрезентации на Македонија и Казахстан од квалификациите за СП 2026, кој ќе се одигра на 13 октомври на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, ќе има следниве цени на билети:
- Западна трибина: 300 денари.
- Јужна и Северна трибина (блокови 1, 2, 5, 6 и 13, 14, 18, 19, 20, 24): 400 денари.
- Прва категорија (блокови 3, 4 и 21, 23): 500 денари.
Дополнително, УО на ФФМ овозможи бесплатен влез на источната трибина за младите фудбалери и нивните тренери од Детската лига и фудбалските школи, како и од сите млади категории во клубовите.
Цената на билетите за натпреварот меѓу Македонија У21 и Ерменија У21, кој ќе се одигра на 10 октомври на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, е утврдена на 200 денари.
- Пропозиции за Детски фудбал: Усвоени се Пропозициите за натпреварувачката сезона 2025/26.
- Финансиска поддршка за женски фудбал: Клубовите од Првата женска фудбалска лига за сезоната 2024/25 (ЖФК Скопје 2014, ЖФК СС Истатов 2015, ЖФК АСС Јунајтед, ЖФК Тиверија Брера, ЖФК Речица, ЖФК Топ Гол, ЖФК Атлетико и ЖФК Каменица Саса) ќе добијат по 10.500 евра од солидарната шема на УЕФА.
- Изградба на стадионот во Штип: Претседателот Масар Омерагиќ ги информираше членовите на УО за состојбата со изградбата на западната трибина на Градскиот стадион во Штип. Посебна инспекција од УЕФА го посетила стадионот, а конечната одлука за понатамошни чекори ќе биде донесена по приемот на официјалниот извештај.