Постои една професионална вертикала што со децении се градела во тивките и дисциплинирани ходници на Министерството за внатрешни работи – кариерниот систем. Таму, секој полициски службеник чекорел по скалила, полека, со труд, со знаење, со дисциплина. Секое унапредување било заслужено, а секој началник морал да има авторитет, искуство и лидерство. Тоа беше столбот на професионализмот.
Сега, Панче Тошковски со пенкало ја брише таа историја.
Со предложените измени на Законот за полиција, министерот кој требаше да биде чувар на редот, се претвора во најголем рушител на институционалниот интегритет. Тоа што денес може да се постави началник на СВР со еден ден стаж во полицијата не е само виц. Тоа е институционално злосторство врз професионалците кои цел живот вложуваат во кариерата.
Од кога кариера се гради со лојалност, а не со резултати?
Со оваа логика, следниот чекор можеби ќе биде детективи да стануваат по краток курс на YouTube, или команданти на специјални единици по заслуга за политичка послушност. Звучи гротескно? Токму таква е реалноста што ни ја сервира Тошковски.
На хартија, ова се нарекува „реформа“. Во суштина, ова е закопување на кариерниот систем и воскреснување на партиската милиција.
Бришењето на условите за најмалку шест години искуство и четири години на раководна позиција е флагрантен атак врз институционалната меморија на полицијата. Новиот систем не знае што е хиерархија, што е одговорност, што е терен, што е стресна операција. Знае само за „кој од нашиве ќе го ставиме таму“.
И додека полицајци со децении ризикуваат животи, работат прекувремено и се доусовршуваат, новите „шефови“ ќе влегуваат на задната врата, носени од партиски ветер. Ова не е демократија. Ова е узурпација на системот
Полицијата не е партиска фирма. Началничките позиции не смеат да бидат политички плен. Затоа што кога полицијата ќе се претвори во продолжена рака на партијата, граѓанинот ќе биде без заштита, а правдата – без значење.
Се поставува едно суштинско прашање:
Ако началник може да стане секој – кој ќе го почитува авторитетот на полицијата?
МВР не е место за експерименти. Безбедносниот систем не се води со кумски совети и роднински списоци. А уште помалку се унапредува со укинување на критериуми.
Тоа што Владата на Мицкоски го предлага не е реформа – тоа е отворена војна против професионализмот.
А најголемата трагедија е што никој не се бори за тие тивки, чесни, посветени полицајци што секој ден работат и живеат во сенка. Тие денес немаат глас. А нивниот труд го брише некој со потпис на закон.
Срамота!
Пишува: Пикасо