Колку вреди еден ден?
Ако го прашате министерот за внатрешни работи Панче Тошковски — вреди цела кариера. Вреди доволно за некој кој вчера влегол во МВР, денес да седне во началничка фотелја. Со еден потпис и без грам одговорност, министерот предлага да се избрише сѐ што некогаш значело кариера, ранг, искуство, знаење и одговорност во полицијата.
Она што се случува со измените на Законот за внатрешни работи е најжестокиот удар врз институционалната логика на оваа држава.
Ништо повеќе нема смисла, ако началник може да стане буквално секој – дури и без еден ден поминат на терен, без службено оружје, без смена, без одговорност.
Ова не е техничка корекција на закон.
Ова е обид за целосна деконструкција на полицијата како професија. Уништување на кариерниот систем, обезвреднување на службениот ранг, понижување на знаењето и искуството. Сѐ тоа, за да се овозможи партиска контрола врз институција што треба да биде столб на безбедноста, а не продолжена рака на партијата.
Целта е јасна: тотална партизација.
Министерот – или некој „одозгора“ – да може без конкурси, без критериуми, без отчет, да именува „свои“ луѓе. Не затоа што се најдобри, туку затоа што се најпослушни.
Мерит системот? Избришан.
Професионализмот? Заменет со лојалност.
Честта на униформата? Згазена во име на партиски интерес.
Овој предлог-закон е класичен пример за реваншизам во законско пакување.
Со еден потег се обесмислува целиот труд на илјадници полицајци кои со години чекор по чекор градеа своја кариера во систем кој, иако несовршен, барем имаше правила, критериуми и логика.
Ако ова се изгласа – МВР нема да биде институција на редот и законот, туку приватна агенција по партиски налог. Наместо служба со интегритет – ќе добиеме систем на клиентелизам и партиска хиерархија. Наместо началници со кредибилитет – началници по нарачка.
Прашањата се наметнуваат сами:
Во каков систем живееме кога шефови се станува по пријателска, а не по професионална линија?
Каква е таа држава во која раководните позиции се делат како политички трофеи?
Дали ова е вредносниот систем што сакаме да го понудиме на патот кон ЕУ?
Овие измени се повеќе од заканувачки – тие се идеолошки и системски деструктивни. Ова е обид да се сруши државната вертикала одвнатре, и да се наметне хоризонтална, партиска команда. А тоа веќе не е институција – туку хаос под команда.
Овој закон мора да падне.
Ако не падне во парламентот – ќе падне на улица.
Зашто полиција без кариерен систем е држава без кичма.
А кичмата на оваа држава не смееме да ја дозволиме да се свитка пред ничиј партиски интерес.
Автор: Инспекторот