Паркирањето во скопските населби Реонски центар и Ново Лисиче наскоро ќе стане дел од зонскиот систем на наплата, потврди градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески. Според него, најдоцна до крајот на септември жителите ќе почнат да плаќаат за паркинг на овие локации, каде што досега тоа не беше случај.
„Зонското паркирање го управува ЈП Градски паркинг – Скопје, но сме во постојана координација со нив. Општината веќе изготви проект за воведување наплата во Реонски центар и Ново Лисиче, а сега се чека одобрување од Градот Скопје и Министерството за внатрешни работи. Веднаш потоа ќе започнеме со бележење на паркинг-местата и поставување на информативни табли. Очекувам наплатата да започне во следниот месец или два, најдоцна до крајот на септември“, изјави Митески.
Жителите на овие две населби инсистираа зонското паркирање да се воведе истовремено, за да се спречи прелевање на возила во населбата каде што паркирањето сè уште е бесплатно. Тие со месеци реагираат дека не можат да најдат паркинг, бидејќи местата пред нивните згради ги окупираат автобуси, комбиња и автомобили на вработени од други општини во Скопје, каде што паркингот се наплаќа.