Оливера Ливриниќ: Бутел мора да добие женски ракометен клуб

Кандидатката за градоначалник на Општина Бутел, Оливера Ливриниќ, најави дека доколку ја добие довербата на граѓаните, ќе се заложи за формирање женски ракометен клуб во општината, со цел да им се овозможи на младите девојки да го следат својот спортски сон.

​Ливриниќ, која вчера присуствуваше на ракометниот натпревар помеѓу Алкалоид и Бутел, ја истакна својата лична поврзаност со ракометот, посочувајќи дека нејзината ќерка Елена седум години активно играла за Металург и за репрезентацијата.

​„Ракометот е дел од нашата спортска традиција, а младите девојки во Бутел заслужуваат простор да го следат својот спортски сон. Ќе се борам да ја реализирам оваа идеја, затоа што спортот не познава род — тој создава заедништво, дисциплина и дух на победа,“ нагласи Ливриниќ.

​Таа додаде дека на натпреварот во Автокоманда присуствувала заедно со својот тим на советници, бодрејќи ги момците од Бутел. Ливриниќ направи симболична врска помеѓу бројот на дресот на нејзината ќерка (55) и нејзиниот реден број на изборното ливче (5), означувајќи го како симбол на победничка енергија и континуитет на љубовта кон спортот и заедницата.