ОН остро против проширување на израелската офанзива во појасот Газа

Организацијата на Обединетите нации (ОН) изрази силна загриженост и јасно се спротивстави на евентуалното проширување на израелската офанзива во појасот Газа, оценувајќи дека тоа би предизвикало уште поголено човечко страдање и катастрофални последици врз цивилното население.

„Категорично сме против каква било ескалација на конфликтот. Тоа е веќе исклучително деструктивно“, изјави заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак, синоќа во Њујорк, пренесе ДПА.

Според него, во речиси две години интензивни борби во регионот има повеќе од 60.000 жртви, што го прави конфликтот еден од најтешките во поновата историја.

„Постои реална можност за огромно човечко страдање, вклучително и потенцијално гладување, што би можело дополнително да се влоши доколку дојде до нова ескалација“, предупреди Хак.

Изјавата на ОН доаѓа во чувствителен момент, откако израелскиот кабинет за безбедност го одобри планот за заземање на градот Газа, што би значело нова фаза во 22-месечната офанзива која започна како реакција на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Меѓународната заедница со зголемена загриженост ги следи случувањата на теренот, додека хуманитарните организации постојано апелираат за прекин на огнот и итна помош за цивилното население.