Учениците од општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ од оваа учебна година ќе користат современа медијатека, која претставува голем чекор кон дигитализација на наставата. Медијатеката е опремена со специјален софтвер кој им овозможува на учениците лесно да пристапуваат до литература, да резервираат книги преку е-пошта и да добиваат потсетници за враќање на позајмените книги.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој утрово го посети училиштето, нагласи дека ова е одличен пример за тоа како училиштата треба да се модернизираат.
„Верувам дека ова катче ќе стане омилено место за стекнување знаење и инспирација кај учениците“, рече Герасимовски.
Тој потсети дека ова училиште беше прво во државата што ги забрани мобилните телефони за време на наставата, што претставуваше поттик за истата мерка да се воведе и во останатите седум училишта во Општина Центар.
Благодарение на новиот софтвер, библиотекарот и наставниците ќе имаат постојан увид во достапноста на насловите, евиденцијата на учебници и користењето на ресурсите, што значително го олеснува наставниот процес.