Ноќеска околу 03:00 часот во Кисела Вода, во близина на „Шампионче“ (спроти градинката „Весели цветови“ – објект Мимоза), било опожарено патничко возило, предизвикувајќи паника кај станарите, бидејќи возилото било паркирано веднаш до самата станбена зграда.
Според жителите, пожарот брзо се проширил и зафатил и дел од надворешноста на зградата.
„Одеднаш се слушна пукотница, најверојатно предизвикана од пожарот, по што се виде чад и пламен. Веднаш со сопругот и децата излеговме надвор, а многу кратко потоа дојде и полиција која ја евакуираше целата зграда“, изјави еден од станарите, додавајќи дека луѓето излегувале со ќебиња од страв пожарот да не се прошири.
Од МВР го потврдија инцидентот, наведувајќи дека пријавата пристигнала во 03:47 часот.
- Опожарено е патничко возило „ренџ ровер“ со словачки таблички, сопственост на В.Д. (41) од Скопје.
- Пожарот зафатил и патничко возило „голф“ со бугарски таблички.
- Оштетен е дел од фасада на станбената зграда и дел од продажен објект.
Повредени лица нема, а пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита. Во тек е увид за расчистување на случајот.