Општина Карпош со нова административна зграда: Јакимовски ја отвори „куќата на граѓаните“

Општина Карпош вечерва свечено ја отвори вратата на новата административна зграда, во која ќе биде сместена целата општинска администрација. Како што изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски, ова е „нов дом за карпошани“, кои на едно место ќе можат да ги решаваат своите проблеми и потреби.

​Новиот објект се простира на површина од 4.500 квадратни метри и е еден од најсовремените административни зданија во земјава. Неговата изградба траеше повеќе од една деценија, процес кој Јакимовски го опиша како трпелив и посветен.

​„Сè започна со еден камен-темелник. Можеби тогаш изгледаше како празно парче земја, но за нас тоа беше визија – сон за една нова општинска зграда, достојна за граѓаните на Карпош… Со мака, со работа и со посветеност, чекор по чекор го изградивме овој објект“, истакна Јакимовски.

​Тој додаде дека зградата е симбол на заедништвото и дека кога ќе се здружат волјата и трудот, не постојат невозможни работи. Според него, новата зграда не е само бетон и арматура, туку место каде ќе се креира иднината на Карпош.

​Јакимовски потенцираше дека оваа транспарентна локална установа им припаѓа на сите граѓани. „Мојот сон и мојата визија беше тука да влегувате со доверба и овде да ги добивате вашите одговори и решенија“, заврши градоначалникот. „Карпош гради, расте и ќе продолжи да чекори напред, затоа што ова е нашата заедничка приказна“.