Општина Карпош: Укинувањето на „Член 62а“ е удар врз транспарентноста

Општина Карпош изразува неверување и разочараност од иницијативата за укинување на „Член 62а“ од Законот за градба, која ја спроведе владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според Општината, овој важен член обезбедуваше транспарентност при издавањето на градежни дозволи, овозможувајќи соседите да бидат информирани во рок од 48 часа за планираните градби во нивна близина.

„Членот 62а“ предвидуваше обврска за локалната самоуправа да ги информира соседите за секоја нова градба во непосредна близина, како и да им овозможи увид во проектната документација и градежната дозвола. Оваа одредба беше воведена од министерот Миле Јанакиевски во времето на владата на Никола Груевски, со цел да се надмине претходното законско решение кое бараше задолжителна согласност од соседите доколку објектот е поблиску од три метри до оградата.

„Ваквата измена значително ја подобри транспарентноста и ги елиминираше одложувањата при издавањето на дозволи, кои честопати беа предизвикани од нарушени соседски односи. Сепак, со последните измени, транспарентноста целосно се укинува, што е недозволиво и спротивно на европските директиви“, велат од Општина Карпош.

Оттаму потенцираат дека измените се на штета на граѓаните и ја повикуваат претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, да не го потпише законот. „Општина Карпош ќе продолжи да ги информира соседите за секоја нова градба, независно од законските измени“, додаваат од Општината.