Учениците во основните училишта на територијата на Општина Центар ќе ја започнат учебната 2025-2026 година со новини. Како што информира градоначалникот Горан Герасимовски, за првпат ќе бидат воведени училишни униформи за сите ученици, а првачињата ќе добијат и бесплатни ранчиња со училишен прибор.
Приближно 4.700 ученици од прво до деветто одделение ќе добијат бесплатни униформи, што, според Герасимовски, е чекор кон подобрување на условите и вложување во поквалитетно образование.
Покрај воведувањето на униформи и бесплатните ранчиња, во општината се одвива и реконструкција на три основни училишта: „11 Октомври“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Миладинов“. Целта е да се обезбеди подобра настава за сите ученици.