Општина Центар: Профит коалицијата“ ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ со оркестрирана кампања против Герасимовски

Општина Центар во изминатите три и пол години се етаблира како симбол на транспарентност и одговорно работење. Овој успех е потврден со високите рангирања на општината, која континуирано се наоѓа меѓу првите три најтранспарентни општини и бележи највисок процент на реализација на програмските активности.

Во услови на оваа позитивна динамика, забележлива е очајна и синхронизирана негативна кампања од страна на коалицијата ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, чиишто обиди за дискредитација на градоначалникот Герасимовски се покажаа како јалови. Очигледно е дека нивната неможност да пронајдат соодветен противкандидат за Герасимовски ги принуди да прибегнат кон ширење лаги, наместо да понудат конкретни решенија за жителите на Центар. Ова претставува добро позната матрица на ВМРО-ДПМНЕ, која, скриена зад ЗНАМ, веројатно се надева дека граѓаните ќе ги заборават нивните претходни злодела во Општина Центар.

Денешниот оркестриран почеток на „црната“ кампања против Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски е неиздржан и лесно препознатлив за граѓаните. Жителите на Центар го помнат историскиот криминал на ВМРО-ДПМНЕ во општината, вклучувајќи го носењето на Деталните урбанистички планови (ДУП) во доцните ноќни часови, насилството врз општинските службеници и рушењето на институциите.

Додека актуелната општинска администрација посветено работи за граѓаните, важно е да се потсети ВМРО-ДПМНЕ дека нивното владеење во Центар беше одбележано со скапиот и контроверзен проект „Скопје 2014“, кој денешните нивни партнери, како опозиција, жестоко го критикуваа. Нивниот сегашен молк, очигледно, е последица на „фотелјите и власта“.

Ние се подготвуваме за натпревар со проекти и идеи. Тоа го потврдуваат и секојдневните средби на градоначалникот со граѓаните во нивните маала. Општина Центар, како транспарентна општина, е секогаш отворена за пофалби и критики, а буџетот се креира во договор со жителите. Веќе реализиравме многу повеќе од ветеното во изборната програма, согласно барањата на центарци. Во наредниот четиригодишен мандат, наша цел е да ги завршиме започнатите проекти и да започнеме многу нови, со кои Центар ќе стане похумано и посовремено место за живеење.

Ве очекуваме на изборните соочувања со идеи, а не со безидејни обвинувања. Тогаш ќе покажеме кој знае да работи и гради, а кој само да се заканува. Впрочем, коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-ЗНАМ е јасно препознатлива како „профит коалиција“. Ние ја имаме коалицијата со центарци, а тие ќе ви ја испорачаат сметката на изборниот ден.