Орбан: Успешен мировен самит Трамп-Путин во Будимпешта е од егзистенцијален интерес за Унгарија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека од „егзистенцијален интерес“ за Унгарија е мировниот самит во Будимпешта меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин да биде успешен. Според Орбан, само со завршување на војната, унгарската економија ќе може да се врати на растот од пред конфликтот.

​Орбан на својот Фејсбук профил истакна дека од моментот на објавување на мировниот самит, левичарски ориентираните аналитичари и политичари се обидуваат да најдат мана, поставувајќи го прашањето: „убаво што Трамп и Путин ќе се сретнат во Будимпешта, но како тоа ќе направи лебот да биде поевтин?“.

​Тој појасни дека во првите три години од руско-украинската војна, Унгарија загубила 9,1 милијарди форинти (околу 23,3 милиони евра), што претставува загуба од повеќе од два милиони форинти по семејство.

​„Ако успееме да ја завршиме војната, сето ова ќе престане. Унгарската економија конечно ќе може да здивне со олеснување и ќе можеме да се вратиме на растот од пред војната. Сите ќе заработуваат повеќе, па дури и лебот ќе биде поевтин“, напиша Орбан.

​Премиерот заклучи дека токму поради овие економски придобивки, од егзистенцијален интерес на Унгарија е самитот да биде успешен, повикувајќи сите да направат сѐ што можат за тоа.