Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, со завршно обраќање пред изборите, истакна дека оваа кампања била отворен и искрен разговор со граѓаните, а не само политичка трка. Тој ја претстави својата визија за Скопје како град на сите и без поделби.
Ѓорѓиевски потенцираше дека неговиот збор е доказ, посочувајќи на, како што рече, „приказната за тоа како една заборавена општина стана пример за работа“, мислејќи на неговиот мандат во Кисела Вода.
„Зад мене не стои само мојата партија… Зад мене стои тим од врвни експерти, професори, архитекти, уметници, но и обични, чесни луѓе кои го живеат и дишат овој град. Тим во кој има луѓе со различни политички и идеолошки убедувања, но со една единствена заедничка љубов, љубовта кон Скопје“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој најави воведување ред во градот, кој е „уморен од хаос, сообраќаен метеж, загаден воздух и урбана анархија“. Клучните проекти вклучуваат:
- Завршување на застанатите проекти (Момин Поток, Љубљанска, АСНОМ, Борис Трајковски, подземна под Лимак) и изградба на нови булевари (Хрватска и Цветан Димов).
- Изградба на нови катни и монтажни гаражи и целосна реформа на јавниот превоз со нови еколошки автобуси и градски воз.
- Изградба на четири нови мега паркови (Вардариште, Расадник, Лепенец и кај булеварот Христијан Тодоровски Карпош), како и 50 нови маалски паркови.
- Воведување ред со Градски архитект и Совет за урбан развој.
Ѓорѓиевски ги повика граѓаните во недела масовно да го заокружат бројот 9 за да се добие силна и чиста поддршка, со цел да се почне со работа веднаш. Тој вети дека ќе биде градоначалник на сите скопјани, кој ќе работи, слуша и обединува.