Орце Ѓорѓиевски: Прво што ќе направам како градоначалник, генералка на Скопје

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во гостување на ТВ Канал 5 најави дека, доколку добие доверба од граѓаните, приоритетно ќе започне со комплетна реорганизација на комуналната хигиена и расчистување на градот.

„Скопје никогаш не било понечисто. Најголемиот проблем што ги мачи граѓаните е нефункционалната комунална хигиена. Ако утре бидам избран за градоначалник, прво ќе направиме генералка на градот“, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека градот има итна потреба од ред и систем.

Тој се повика на неговото досегашно искуство во Кисела Вода, каде, како што рече, заедно со тимот направиле видлив напредок.

„За четири години ја сменивме состојбата во општината. Отворивме нова градинка и од 450 деца на листа за чекање, денес има само 20. Во наредниот период ќе отвориме уште две нови градинки“, потенцираше Ѓорѓиевски.

Кандидатот за Скопје најави и долгорочни решенија за справување со депониите, кои, според него, ќе бидат трансформирани во паркови, спортски комплекси и паркинзи – модел веќе применет во Кисела Вода.

„Сакаме на местата каде што порано имало ѓубре да никнат зелени површини, паркови и места за рекреација. Скопје му требаат нови ‘бели дробови’ и чист воздух“, изјави Ѓорѓиевски и додаде дека во првите месеци од мандатот, очекува да го нормализира работењето на службите за хигиена.

„Ќе работам чесно, транспарентно и одговорно, како што го правев тоа и досега“, заврши Ѓорѓиевски.