Османи: ВЛЕН се во паника, затоа ме напаѓаат со веќе затворени случаи

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска одговори на нападите од коалицијата ВЛЕН, тврдејќи дека тие се во паника поради резултатите од анкетите, кои покажуваат дека неговата предност е 10% пред нивниот кандидат.

​Османи нагласи дека ВЛЕН се обидува да отвора прашања за кои „граѓаните вообичаено нив ги обвинуваат – дека се корумпирани и дека 20 години на најкоруптивен начин ја воделе општината“.

​Во врска со обвинувањата за трошоците за Самитот на ОБСЕ, Османи потсети дека тој лично ја доставил целата документација до надлежните институции.

​„Јас лично ја доставив целата документација во Државната комисија за спречување на корупцијата и во Обвинителството. ДКСК, по неколку недели, излезе со констатација дека нема никакви неправилности. И Јавното обвинителство потврди дека нема неправилности“, изјави Османи.

​Тој додаде дека ревизијата била вршена на Фондот „Борис Трајковски“, а не на Министерството за надворешни работи, и се однесувала на прифаќањето на опремата.

​На крајот, Османи изјави дека неговиот најголем политички капитал е неговиот кредибилитет и дека никој во неговата политичка кариера не може да го обвини за корупција.