Османи: ВМРО-ДПМНЕ планира да го демонтира Охридскиот договор, ВЛЕН молчи

Кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ, Бујар Османи, изјави дека изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за промени во законот за рамномерна застапеност не се случајност, туку дел од стратегијата за демонтирање на Охридскиот договор. Османи го обвини Мицкоски дека преку „пробни балони“ се обидува да ја нормализира дебатата за Охридскиот договор.

​Османи остро го критикуваше и молкот на коалицијата ВЛЕН, која, според него, и покрај очигледниот план за демонтирање на договорот, останува во скутот на ВМРО-ДПМНЕ.

​„Албанците нема да дозволат демонтирање на Охридскиот договор, нема да дозволат поништување на нивниот државотворен статус и трансформација во малцинство, враќање на мајоризацијата“, истакна Османи.

​Според Османи, најавите на Владата се во директна спротивност со извршната наредба на американскиот претседател, која доведувањето во прашање на Охридскиот договор го смета за антиамерикански интерес.

​Османи смета дека изјавата на министерот е „наредена од премиерот“ со цел да се отвори темата во јавноста и да се нормализира дискусијата. Тој посочи дека ова е слично на претходни обиди поврзани со балансерот и албанскиот јазик.

​На крајот, Османи нагласи дека претстојните локални избори не се само избор за градоначалници, туку се „референдум“ за зачувување на еднаквоста, Охридскиот договор и европската перспектива.

​Тој ги повика и Македонците, Турците, Ромите и Бошњаците да не дозволат, како што рече, „клептократска влада“ со маска на национализам да го загрози мирот и стабилноста во земјата.