Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, преку социјалните мрежи се обрати до јавните и административните службеници, посочувајќи дека секојдневно добива информации за притисоци врз нивните работни места.
„Нема ништо пониско од тоа еден функционер, платен со народни пари, да врши притисоци, уцени и закани врз администраторите кои секој ден им служат на граѓаните“, порача Османи.
Тој нагласи дека никој нема право да ги нарушува правата на вработените или да ги принудува да извршуваат задачи кои не се нивна обврска. Османи ги охрабри сите што се жртви на вакви притисоци и мобинг да ги пријават случаите во надлежните институции.
„По 19 октомври, кога оваа власт целосно ќе се делегитимира, ќе започнат суштински промени. Никогаш повеќе нема да се дозволи некој да ја злоупотребува администрацијата за политички цели. Тоа ви го ветувам и зад ова ветување стојам цврсто“, изјави Османи.
Тој додаде дека има голема почит кон секој вработен во администрацијата, без оглед на нивната етничка припадност или политичка определба, и најави дека со истата практика ќе продолжи и по победата во Чаир.