Оставка од Тошковски веднаш!

Во година и пол раководење со Министерството за внатрешни работи, Тошковски покажа огромна неспособност, но и одлучност да се служи само на тесните, партиски и лични интереси на Мицкоски и ДПМНЕ, а никако и во ниту еден момент на државата.

Безбедноста во земјава е драстично падната, а Тошковски ја узурпираше и компромитираше истрагата за Кочани.

Последното безобразие во кое Тошковски ја обвинува жртвата на очигледно и застрашувачко насилство дека „сама си го барала“, е преседан дури и за женомразачка структура како ДПМНЕ!

Иако Данела Арсовска побарала заштита од МВР, Тошковски ја лишил од соодветна заштита, тактизирал со обезбедување на истата.

На тој начин, Тошковски директно се вмешува себеси во ужасното злодело кое се случи вчера.
Тошковски е одговорен што ситуацијата ескалирала со насилство врз градоначалничката, бидејќи можел да го спречи, но одбивал тоа да го стори поради политички мотиви и интереси.

Тошковски цврсто стои на страна на криминалот и свесно ја загрозува безбедноста на секој што се осмелува макар и со збор да им се спротивстави на коалиционерите-криминалци.

Омаловажувањето на жртвата е врвот на безобразието, нечовечноста, а и на непрофесионалноста. Сите овие негативни одлики наоѓаат совршен приказ во ликот на Тошковски!

Ништо подобри не се ниту неговите сопартијци и сопартијки, кои насилието над нивната довчерашна соработничка го премолчуваат и игнорираат. Изгледа за ДПМНЕ останало прифатливо насилството врз сите неистомисленици.

Ништо подобра не е ниту претседателката на државата, која се однесува ко да не е на оваа планета и целосно го игнорира овој конкретен и реален скандал, а кажуваше дека се залагала за жените. Заложбите се во теорија, на збор, никако во пракса.

Ништо подобри не се ниту нивните коалиционери, кои штедат зборови и барање одговорност од надлежниот кој толку очигледно потфрлил, а усти им беа полни со принципи и правичност. Принципите и правичноста завршуваат на уста, а на дело само користољубие и замижување пред насилството, неправдата и криминалот.

Оставка од Тошковски веднаш!

Секоја друга релативизација е излишна!

 

Пишува: Кристина Костова (Потпретседателка на СДСМ)