Тешка трагедија се случила во текот на ноќта во ЈЗУ „Психијатриска болница Скопје“ во Бардовци, каде едно лице загинало по физичка пресметка меѓу двајца осуденици сместени во судското одделение на установата.
Според информациите на МВР, инцидентот се случил околу 00:50 часот, кога дошло до физичка пресметка помеѓу Д.С. (35) од Неготино, осуден за кривично дело „убиство“, и И.Т. (62) од село Љубанци, осуден за „семејно насилство“.
За време на тепачката, И.Т. бил удрен со стаклено шише, по што паднал во бесвест. Веднаш бил пренесен во Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде починал во 02:20 часот. Смртта ја констатирал лекар, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.
Осомничениот Д.С. е задржан во просторијата каде се случил инцидентот, а истрагата продолжува. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен извештај од страна на МВР.