Во склоп на ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Општина Кисела Вода, денеска свечено беше пуштен во употреба затворениот базен, дел од проектот за изградба на шест базени што започна во 2020 година од страна на тогашната Агенција за млади и спорт.
Базенот ќе им биде на располагање на учениците од ова училиште, но и на основците од другите училишта во општината, беше истакнато на отворањето.
Објектот има должина од 30 метри, ширина од 20 метри, вкупна површина од 600 м², со димензии на базенското корито 9 на 25 метри, и длабочина која варира од 80 до 120 сантиметри.

На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Премиерот нагласи дека завршувањето на започнатите проекти е клучно за јавниот интерес.
„Многу е важно сè што е почнато да се доврши. Пари од граѓаните се вложени и тие проекти мора да се стават во функција. Не смееме да оставаме недовршени објекти како споменици на едно време“, изјави Мицкоски, најавувајќи дека до крајот на летото ќе бидат отворени уште четири базени во други општини.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека базенот првенствено ќе се користи од учениците во општината, а потоа ќе биде отворен и за граѓаните и за пливачките клубови.
„Наш приоритет ќе биде секое дете од основните училишта да има можност барем еднаш неделно да учествува во спортски активности во базенот. Тоа ќе придонесе за физичкиот и психичкиот развој на младите генерации“, рече градоначалникот.
Министерот за спорт Борко Ристовски додаде дека соработката со локалната самоуправа била клучна за завршување на објектот.
„Овој базен е еден од петте кои беа започнати во 2020 година, но беа оставени со само 20% реализација. Со поддршка на Министерството за спорт, базенот во Кисела Вода е завршен за шест месеци, а останатите четири во Ѓорче Петров, Кичево, Битола и Штип се во завршна фаза и ќе бидат пуштени до крајот на летото“, рече Ристовски.
Проектот за изградба на базенот чини приближно 750 илјади евра.