Платформата „Наука за деца“ и Фондацијата „Кантарот“, во соработка со проф. д-р Венка Симовска, го отворија повикот за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“. Наградата, вредна 30.000 денари, е наменета за ученици од 9. одделение и има за цел да поттикне љубопитни и посветени деца да продолжат по патот на науката.
Секој заинтересиран ученик треба да пополни формулар до 30 септември. Во апликацијата треба да се одговори на прашања поврзани со:
- Конкретните научни интереси и истражувања.
- Зошто веруваат дека науката може да придонесе за општеството.
- Со кои постигнувања се горди.
- Како би ги искористиле парите од наградата.
Од „Наука за деца“ нагласуваат дека критериуми за избор не се само постигнувањата, туку и ентузијазмот, амбицијата, имагинацијата и комуникациските вештини.
Од сите примени апликации, ќе бидат избрани десет кандидати за интервју, а потоа и финалисти. Сите финалисти ќе бидат поврзани со ментори – македонски научници од странство, кои ќе ги подготват за да одржат научно предавање на следната НЗД конференција.