Падот на СДСМ не е несреќа, туку последица

Изненадени? Не, воопшто !!!
Другари, изненаден може да биде само човек кој или е глупав, а денес во 2025 такви има се помалку, или некој кој носел превез на очите па не сакал да ја види реалноста, или, трето, некој кој имал дебел интерес до сега!

Изминатиов период јавно и гласно, во повеќе наврати предупредував, апелирав, алармирав дека следи ова, следи пораз под секое ниво на достоинство и политичка коректност, следи бришење на чевлите од четирите букви, дека повторувањето на “експериментите” под истите лабораториски околности секогаш носи исти резултати и дека дното сеуште не е допрено!

И да знаете, сеуште не е!

Сите кои ме познаваат добро, низ разговор изминатиов период ја слушаа бројката која ја сметав за извесна во Прилеп, 5 до 6000 гласа и таа бројка го отсликува реалното расположение, ја отсликува перцепцијата кај членството на СДСМ, но и кај граѓаните на Прилеп за кадровската понуда, за целокупното владеење на СДСМ што на локално а посебно на централно ниво во последниве 9 години, за ароганцијата, надменоста, суетите, комплексите, а во исто време толку и препознаа од “промените” од лани до годинава! И таа бројка е РЕЗУЛТАТ, а ПРИЧИНИТЕ мора да се побараат малку поназад.

И ако нема реални, суштински и длабоки, а не козметички како до сега промени, на наредни избори, еве 3 години пред да се одржат ви велам, СДСМ ќе дојди и под 3000 гласа во Прилеп!

Сега, немој некој од Раководството, овде и во Скопје, да писне дека не знаел! Такво право на изземање и алиби за ваквиот резултат никој нормален нема да дозволи!

Слушам дека некои од “доживотните” уште ги лажел умот дека и од денес па натаму, по добриот стар обичај и по веќе воспоставената пракса повторно ќе ги обвинеле Кире, Петко, Јанко, Баге и Јонче и види богати, ќе се “бореле” и понатаму!
Дечки, одма да се разбериме, борбата е сведена на “живот или смрт”, а во таква борба едните ќе се борат за образот, а другите – за г@зот, оти првото го немаат!
А и за да се нарече борба треба да има војници од двете страни, ако од едната страна се терористи кој држат во заложништво, во нашиов случај Партијата, тогаш треба да знаат дека во таквата борба принципите на војување по Женевските конвенции не важат, па битката, ако дојде до неа, ќе биде жестока!

Другари, сите што си ја сакаме искрено партијата, сите кому партијата не му е средство за остварување на личниот интерес, сите кои посветено, чесно, трудољубиво ја градевме партијата и еднаш ја извлековме од тешка опозиција, ја направивме победничка за денес оваа багра да не може да освои ни 1/5 од тие гласови, сите вие здраворазумни и лојални на социјалдемократската идеологија – ДОСТА Е!

Достоинствено, мудро и одважно, но бескомромисно и без грам резерва, со чесна мисла и чисто срце, да застанеме рамо до рамо заедно и да си ја вратиме партијата таму каде и е местото, кај вистинските, искрените и верните членови, а не кај ГАЗДИТЕ што ја стопанисуваа до денес последниве години!

Па да видам кој тоа ќе се спротистави, та овде, та во Скопје, на гласот и на вољата на членството, ако не му е доволно јасно од резултатот!

Најавувам стечај и ликвидација на ДООЕЛ СДСМ Прилеп и целосна обнова на Општинската организација, заедно ќе ја вратиме довербата кај членството и ќе покажеме дека може и поинаку, ќе покажеме дека членството си ја сака партијата а ги презира оние кои ја доведоа на ова дереџе, дека не е кабаетот за резултатот во членството ами во една шака алчни, желни за фотеља (со чест на екстремно малкуте исклучоци) и како Фениксот кој животот го завршува во пламен, од сопствената пепел се раѓа одново!

 

Пишува: Никола Багески