Пад на плафон во скопски хотел: Пукната цевка ја предизвикала незгодата со шпанската спортистка

Шпанска спортистка, гостинка на Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF) во Скопје, предизвика бурни реакции на социјалните мрежи со видео објава на TikTok. На снимката, направена во бањата од собата во еден познат скопски хотел со четири ѕвездички, се гледа падната плоча од спуштениот плафон и голема дупка на таванот.

Инцидентот, кој предизвика бројни коментари и загриженост за безбедноста на спортистите, денеска го појасни претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски.

„Нормално е да ги следиме сите случувања. Покрај сите убави моменти, се појавува и по некоја непријатна ситуација. Станува збор за пукната цевка, што предизвикала навлажнување на таванот и пад на плоча од гипс-картон“, изјави Димевски.

Според него, проблемот бил саниран истиот ден и во моментов не претставува никаква пречка за одвивањето на фестивалот.

„Случајот е решен веднаш и веќе не е тема“, додаде Димевски, нагласувајќи дека останатите аспекти од организацијата на настанот течат без проблем.