Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека безбедносните предизвици денес се посложени, бидејќи традиционалните закани како организираниот криминал и корупцијата се преплетуваат со нови опасности. Тој ја даде оваа изјава на отворањето на ретренинг конференцијата на европскиот огранок од Асоцијацијата на националната Академија на Сојузното биро за истраги (ФБИ), која започна во Скопје.
Според Тошковски, светот денес се соочува со сајбер-закани, злоупотреба на технологијата и ширење дезинформации како оружје. Оваа нова реалност бара не само реактивност, туку и визија и подготвеност за напуштање на старите модели.
„Оваа реалност не бара од нас само будност и реактивност, туку визија и подготвеност да ги преиспитаме старите модели, да прифатиме иновации и да создадеме подлабока и поквалитетна меѓународна соработка“, рече Тошковски.
Тој додаде дека институциите мора да бидат агилни, да размислуваат однапред и да градат политики кои ќе можат да се приспособат на денешните, но и на идните предизвици.
Заедничка мисија и вредности
Тошковски нагласи дека, без оглед на технолошкиот напредок, основните вредности мора да останат непроменети. Како полицајци и безбедносни професионалци, нивната мисија е да им служат на граѓаните и да ја штитат државата.
Конференцијата, која ќе трае од 20 до 24 септември, е можност за размена на искуства и за обновување на посветеноста кон вредностите како што се заштита на граѓаните, владеење на правото и зајакнување на довербата во институциите.
На отворањето се обрати и Вилијам Габон, претседателот на Асоцијацијата на националната Академија на ФБИ, кој истакна дека Скопје е историски град на крстопат, каде што иднината зависи од посветеноста на правдата и пријателството.