Папата Лав Четиринаесетти со апел за светски мир

Папата Лав Четиринаесетти во своето прво обраќање пред верниците на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, упати силен повик до големите светски сили за прекин на сите војни, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.

Новоизбраниот папа апелираше за траен и вистински мир во Украина, како и за итен прекин на огнот во Газа и ослободување на сите израелски заложници.

Покрај тоа, Лав Четиринаесетти го поздрави примирјето меѓу Индија и Пакистан, изразувајќи надеж дека ќе донесе стабилност и спокој во регионот. Тој додаде дека се моли на Бога да го дарува светот со „чудото на мирот“.

„Браќа и сестри, огромната трагедија од Втората светска војна заврши пред 80 години, на 8 мај, однесувајќи 60 милиони животи. Во денешното драматично сценарио на трета светска војна во делови, како што велеше папата Франциск, и јас им се обраќам на големите сили во светот со уште поактуелен апел: никогаш повеќе војна,“ изјави папата Лав Четиринаесетти.