Папата Лав XIV со повик за ослободување на новинарите низ светот

Папата Лав XIV денес упати повик за ослободување на сите притворени новинари ширум светот, потенцирајќи ја важноста на „скапоцениот дар на слободата на говорот и медиумите“.

Тој се обрати пред околу 6.000 новинари кои допатуваа во Рим за да го следат неговиот избор. Како што пренесува АП, првиот американски папа беше пречекан со стоечки овации при неговото влегување во салата на Ватикан, каде што за прв пат се сретна со претставници на јавноста.

Во својот говор, Папата ги повика новинарите да користат зборови кои промовираат мир, да се дистанцираат од воените конфликти и да им дадат глас на оние кои не можат да бидат слушнати.

Тој изрази солидарност со сите новинари кои се затворени заради нивната потрага по вистината и објективното информирање. „Црквата ги препознава овие сведоци – мислам на оние кои известуваат за војната дури и по цена на своите животи – како храбри бранители на достоинството, правдата и правото на луѓето да бидат информирани. Само информирани поединци можат да донесуваат слободни одлуки“, истакна Папата Лав XIV.

Тој додаде дека страдањата на притворените новинари претставуваат предизвик за државите и меѓународната заедница, апелирајќи за заштита на „скапоцениот дар на слободата на говорот и медиумите“.