Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно ја крена прашината во јавноста, обвинувајќи ја новата власт за континуитет на урбаниот криминал – сега само под ново име и со „реформирани“ кадри. Во остра и директна објава, Арсовска го посочи Мухамед Елмази, поранешен член на Советот на Град Скопје и истакнат кадар на ДУИ, кој пред изборите во 2024-та премина во редовите на ВЛЕН и набргу беше именуван за директор на државната институција НОМАГАС.
„Таман ќе помислиш дека не можат да покажат поголем очај, тие извлекуваат нов партиски првенец – овојпат со биографија што ја потврдува континуираната врска со урбаната мафија“, пишува Арсовска.
Според неа, токму Елмази бил еден од оние кои спречиле расправа за дивоградбите во скопските општини. На последната седница на Советот, градоначалничката предложила отворена дискусија за незаконските легализации во сите 10 општини, вклучително и Сарај и Чаир – но иницијативата била повлечена од самите коалициски партнери на ВМРО од Сарај.
„Очигледно е дека кога се допира до урбаниот криминал во нивните редови – темата веднаш се става под тепих“, додава таа.
Арсовска директно го прашува Елмази:
„Дали си криминалец од ДУИ или од ВЛЕН? Дали знаеш дека од 150 дивоградби откриени во Чаир, за една точно знаеме дека ти живееш таму – во стан добиен гратис?“
Таа најавува дека конкретниот предмет наскоро ќе биде предаден до Јавното обвинителство, додавајќи:
„Империјата на урбаната мафија ќе ја срушам, без разлика од која партија доаѓа. Мене партиите не ме интересираат – ме интересира правдата.“
Објавата доаѓа во време кога партиските трансфери и наградите по партиска линија сè почесто се мета на критики, а граѓаните – сè поразочарани од ветувањата за промени што резултираат со нови лица во старите шеми.