Одлуката на Илија Николовски и неговата Партија на пензионери да го смени коалициониот дрес – од СДСМ во ВМРО-ДПМНЕ – не е никакво политичко изненадување, туку уште една срамна епизода од серијата „како да се преживее уште еден мандат со туѓа мука“.
Кога го гледате Илија Николовски како со насмевка се слика со Христијан Мицкоски, не гледате политичка зрелост или прагматизам. Гледате преживеан политички паразит кој осум години удобно си живееше од СДСМ, добиваше и функции и финансирања, а денес, откако СДСМ веќе не е во игра, како здодевен гостин на свадба – прелета кај следниот домаќин што носи власт.
А кој е тој домаќин? ВМРО-ДПМНЕ. Партијата што пензионерите со години ги лажеше дека им дава „историски“ покачувања, а во реалноста само ја следеше статистиката на трошоците на живот. Ни денар повеќе. Едноставна аритметика – никаков бонус, никаков додаток, туку само техничка прилагодба според потрошувачката кошничка. Исто како да речеш: „ти давам подарок – ја враќам твојата пензија на истото ниво од лани, само што инфлацијата те изеде“.
Но, за Илија и неговите 100 гласачи на состанок, тоа е доволно. А одлуките на овие 100, како што саркастично пишува новинарот Бранко Божиновски, ги носат сите пензионери – без прашање, без консултација.
„ЕЕЕЕЕЕЕЈ, ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ!!! 100на СЕ СОСТАНАЛЕ И РЕШИЛЕ!!!“ – стои во неговиот текст, остро и точно.
Овој цитат боли, затоа што е вистина. Тие што треба да бидат столб на искуството и мудроста, станале маска за евтини коалиции. Божиновски многу сликовито ја опишува оваа генерациска пропаст кога вели:
„Децата гледаат со кого по дома живееле и губеле време…“
И навистина – младите одамна престанаа да ги прашуваат своите родители за мислење. Не затоа што немаат почит, туку затоа што овие „мудри“ старци, наместо да им бидат водилка, се претворија во лажни пророци што секогаш се кланјаат на новата власт, со рака испружена за нешто „лично“.
Илија Николовски одамна не е гласот на пензионерите. Тој е гласот на секој оној што сака да остане блиску до владините ресурси. И по ништо не се разликува од Павле Трајанов и неговиот Демократски сојуз, или од останатите сателит-партии што со години се врзуваат за победникот на изборите како лепенка на нов мобилен – само да не останат надвор од играта. И секогаш со изговор дека „народот така сакал“.
Да беше Николовски барем доследен на своите политики – не. Тој беше со едните, па со другите, па пак со првите, па пак со вторите. И така до бесвест. Ништо друго освен политичка матрица што смрди на личен интерес и партиски договори зад затворени врати.
А сега, наместо да зборува за пензии, за достоинство и стабилност за третото доба, Николовски се приклонува кон Мицкоски – истиот тој што веќе ја задолжи државата за над осум милијарди евра – што од Унгарија, што од Велика Британија. А никој сè уште не знае колку ќе нè задолжи нас и следните генерации до крајот на мандатот… ако воопшто го дочека.
Партија на пензионери? Не. Ова е партија на заборавените идеали. Партија на личниот ќар. Партија на политичкото цицање, без грам морал и без трошка срам.
И затоа, драги пензионери, ако уште верувате дека Илија ве претставува – тогаш одговорете си на прашањето што српските студенти им го поставија на своите баби и дедовци:
„ДАЛИ СТЕ СО НАС ИЛИ СО НИВ!?“
Изборот е ваш, но последиците ќе ги плаќаат вашите внуци.
Пишува: Виктор Азманоски