Пенка Мукаетова поднесе оставка од Сојузот на стопански комори, тврди дека изборот на претседател е нелегален

Пенка Мукаетова објави дека поднела оставка од функцијата потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ). Како причина ја наведе нелегитимноста на новоизбраниот претседател, тврдејќи дека неговиот упис е извршен „противправно“ од страна на Централниот регистар.

​Според Мукаетова, овој случај е „тежок преседан“ и претставува удар врз довербата на деловната заедница, транспарентноста и владеењето на правото. Таа изјави дека во нејзината 20-годишна соработка со Централниот регистар, никогаш не видела вакво нешто.

​Мукаетова тврди дека одлуката е донесена под сомнителни околности и притисоци, со очигледен нееднаков третман кон засегнатите страни.

​„Ако денес може да се прекршат правилата за упис на претседател на Сојузот, утре може да се прекршат и за секој стопанственик, за секоја компанија и за секој граѓанин“, истакна таа.

​Мукаетова ги повика надлежните институции итно да реагираат, да проверат што се случува во Централниот регистар и да утврдат под чии директиви се носат вакви одлуки.