Петра Лукароска: Му честитам на Проданоски, СДСМ во Прилеп ќе биде конструктивна опозиција и коректор на власта

​Кандидатката за градоначалничка на Општина Прилеп од СДСМ, Петра Лукароска, му го честиташе изборот на Дејан Проданоски од ВМРО-ДПМНЕ за нов градоначалник. Таа изрази надеж дека новиот градоначалник ќе ги реализира ветените проекти и дека Прилеп ќе излезе од „сивилото“. Лукароска најави дека СДСМ ќе делува како конструктивна опозиција и коректор на локалната власт.

​Во своето обраќање до сограѓаните и членовите на партијата, Лукароска ја прифати волјата на мнозинството граѓани кои довербата му ја дале на кандидатот и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

​„Во оваа прилика му го честитам изборот на Проданоски за нов градоначалник на општина Прилеп. Се надевам дека ќе ги реализира ветените проекти и дека градот и општината ќе излезат од сивилото во кое западнаа во изминатите четири години“, напиша Лукароска.

​Таа им посака успех во работата на новоизбраните советници, со надеж дека ќе носат одлуки кои ќе значат подобар живот за сите граѓани.

​Лукароска најави дека советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Општина Прилеп ќе бидат „гласот на народот, конструктивна опозиција и коректор на локалната власт“.

​Кандидатката изрази жалење за историски најмалата излезност на овие избори, истакнувајќи дека повеќе од половина граѓани не го искористиле своето демократско право. Таа посочи дека пораката која граѓаните ја упатиле до општинската организација на СДСМ е јасна.

​„Причините за слабиот резултат ќе ги бараме исклучиво во сопствените редови, преку детална и сеопфатна анализа на нашето функционирање во предизборниот период и за време на изборната кампања“, најави Лукароска.

​На крајот, таа им се заблагодари на сите членови, граѓани и соработници за поддршката и ангажманот, изразувајќи увереност дека СДСМ ќе извлече поука од поразот и дека наскоро ќе се врати на победничките патеки.